Испраќате фактура. Клиентот не ја добива. Проверувате — во спам е. Или уште полошо: тивко е одбиена и никој не знае.
Во деведесет проценти од случаите причината е иста: не сте кажале на светот кој смее да праќа мејл во ваше име.
Проблемот со кој започнува сè
Е-маил протоколот е стар и доверлив по природа. Секој сервер на светот може да прати порака што пишува „од: vie@vashafirma.mk“ — исто како што секој може да напише туѓа адреса на плик.
Затоа Gmail, Outlook и останатите бараат доказ. Тој доказ се трите записи подолу.
SPF — кој смее да праќа
Список на сервери овластени да праќаат во име на вашиот домен. Ако мејлот дојде од сервер што не е на списокот, примачот знае дека нешто не е во ред.
Изгледа вака:
v=spf1 include:_spf.vashiot-hosting.mk ~all
Најчестата грешка: два SPF записа на ист домен. Тоа не е „двојна заштита“ — тоа е невалидна конфигурација и двата се игнорираат. Ако користите и хостинг и Google Workspace, тие се спојуваат во еден запис со два include.
DKIM — потпис што не може да се фалсификува
Серверот при праќање става криптографски потпис во заглавието. Примачот го проверува со јавниот клуч што стои во вашиот DNS.
Ако некој ја измени пораката на пат, потписот не се совпаѓа. Ако некој се преправа дека е вие — потпис нема воопшто.
Клучот го генерира хостингот или мејл провајдерот; вие само го копирате во DNS.
DMARC — што да прави примачот кога нешто не чини
SPF и DKIM само проверуваат. DMARC кажува што да се случи потоа:
v=DMARC1; p=none; rua=mailto:vie@vashafirma.mk
- p=none — само известувај ме, не отфрлај ништо
- p=quarantine — стави во спам
- p=reject — одбиј целосно
Почнете со none. Тој не блокира ништо, но ви праќа неделни извештаи кој праќа во ваше име. Ќе се изненадите — често има стар CRM, форма на сајтот или сметководствена програма што ги заборавивте.
Кога ќе видите дека сè легитимно поминува, преминете на quarantine, па дури потоа на reject. Обратниот редослед значи блокирани сопствени мејлови.
Колку време треба
Внесувањето е петнаесет минути. Ширењето на DNS — до 24 часа, обично помалку.
Проверка: пратете мејл на check-auth@verifier.port25.com и ќе добиете назад извештај за трите записи.
Ако сето ова изгледа многу
Кај нас овие записи се поставуваат при активација на хостингот. Ако мејлот ви завршува во спам, јавете се — проверката трае неколку минути.