Напишавте добра објава. Овие десет минути одлучуваат дали ќе ја најде некој. Чек-листа што ја користиме и ние.
1. Еден главен клучен збор
Одлучете за КОЈ поим пишувате („поправка на бојлер Штип“). Тој треба да е во: насловот, првиот пасус, еден поднаслов, и во адресата. Природно — не 15 пати, тоа е спам и Google го препознава.
2. Насловот (до 60 знаци)
Со клучниот збор напред ако е можно. Тоа е линкот што се гледа во Google — нека ветува конкретна корист, не нека биде мистериозен.
3. Мета опис (до 155 знаци)
Во Yoast или Rank Math полето Meta description. Ова е рекламата под насловот во резултатите: што ќе добие читателот + повик. Не влијае директно на позиција, но одлучува дали ќе кликнат.
4. Адресата (permalink)
Кратка, со клучниот збор, без стоп-зборови: /popravka-na-bojler-shtip, не /2026/07/16/eve-neshto-sto-mora-da-go-znaete-za-vasiot-bojler. Уредете ја ПРЕД објава — по објава менувањето бара 301.
5. Поднаслови H2/H3
Секои 150-200 збора. Google ги чита за да ја разбере структурата; читателите за да скенираат.
6. Внатрешни линкови (најпотценето)
2-3 линка кон ваши страници: услугата за која станува збор, поврзана објава, контакт. Ова го држи посетителот на сајтот и ја пренесува тежината кон страниците што продаваат.
7. Слики со alt текст
Истакната слика 1200×630, компресирана, alt текст што опишува. Google Слики е сообраќај што сите го забораваат.
8. Должина со мера
600-1200 збора за повеќето теми. Нема магичен број — има правило: одговорете на прашањето целосно и застанете.
9. Проверка на мобилен
Preview → мобилен приказ. Мнозинството ќе ја прочита објавата токму таму.
10. По објава
Search Console → Request indexing · споделување · и за месец погледнете во Search Console за кои поими се појавува — понекогаш Google ве наоѓа за нешто што не сте ни планирале, а тоа е следната ваша тема.